Поранешниот пратеник на Обединетите нации за статусот на Косово, Марти Ахтисари, за загрепски Вечерњи лист изјави дека на Србија не треба да ѝ се дозволи да влезе во Европската Унија сè додека не го признае Косово.
Запрашан да ја прокоментира изјавата на претседателот на Србија, Томислав Николиќ, дека нема да го признае Косово дури и по цена неговата земја да не влезе во ЕУ, Ахтисари рече: „Ако сакаат во Русија, нека одат таму“.
„Никакви отстапки не се прифатливи, ниту во Босна ниту на друго место.“
„На Србија не треба да ѝ се дозволи да влезе во ЕУ додека не го признае Косово. Србија одамна го загуби правото на Косово. Таа со години лошо се однесуваше кон Косовците“, рече Ахтисари, добитник на Нобеловата награда за мир.
Според неговите зборови, пет земји-членки на ЕУ што го немаат признаено Косово ѝ помогнале Србија во нејзините напори. „Но убеден сум дека ова наскоро ќе се промени“, рече Ахтисари.
Тој изрази уверување дека „наскоро и стотата земја ќе го признае Косово“. Во написот Вечерњи лист потсетува сега досега независно Косово го имаат признаено 91 земја.