Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Џон Тошак го врати фудбалерот од средниот ред Величе Шумуликоски во составот на националнио тим за претстојниот пријателски меч со Литванија на 15 август, но повторно го вметна и силно оспоруваниот Мирко Ивановски за нападот.
Тошак се реши на последната проверка пред стартот на мундијалските квалификации да не некои поголеми промени во тимот, но изненадува довербата што постојано му ја дава на Ивановски, но и фактот дека го повика Даниел Мојсов, дефанзивецот на Војводина, кој е во немилост на управата на новосадскиот прволигаш поради одбивањето да го продолжи договорот. Само една промена направи Тошак од составот за контролките во Португалија – не го повика голманот Един Нурединоски, на чие место е Кристијан Наумовски.
Со оглед дека неполн месец по дуелот со Литванија на Националната Арена „Филип втори“ ќе следи двојното гостување во Хрватска и Шкотска во септември, речиси сигурно е дека велшкиот стратег ќе смета на истите играчи кои ќе ги подготвува за новата квалификациска рунда.
„По одигрувањето на двата натпревари во мај годинава во Португалија, за кои и претходно реков сум задоволен, ова е наш последен контролен натпревар пред почетокот на квалификациите за СП, кога не очекуваат два интересни натпревари со Хрватска и Шкотска. Бидејќи е ова последен тест, повикав 20 играчи и 3 голмани бидејќи сакам на последниот собир пред квалификациите да се видам со повеќето играчи и да и овозможам на федерацијата да обезбеди визи за играчите за Шкотска, патување за кое визната процедура е малку комплицирана. Овој месец е малку незгоден термин за пријателски натпревар бидејќи играчите се во различни фази на кондициска подготовка и натпреварувачка форма. Дел од нив започнаа со првенствени натпревари но некои се во фаза на подготовки за новото првенство“, вели Тошак.
ГОЛМАНИ
Кристијан Наумовски (Динамо Б.), Мартин Богатинов (Карпати), Томе Пачовски (Мехелен)
ОДБРАНА
Бобан Грнчаров (Ботев), Даниел Георгиевски (Стеауа), Александар Тодоровски (Полонија Варшава), Николче Новевски (Мајнц), Ванче Шиков (Волин), Даниел Мојсов (Војводина), Стефан Ристовски (Бари), Горан Попов (Динамо Киев), Јани Урдинов (Екранес)
СРЕДЕН РЕД
Никола Глигоров (Алки), Мухамед Демири (Тун), Величе Шумуликоски (Тианјин), Стефан Спировски (Борац Чачак), Александар Трајковски (Зулте Варегем)
НАПАД
Ферхан Хасани (Волфсбург), Иван Тричковски (Бриж), Самир Фазли (Херенвен), Горан Пандев (Наполи), Мирко Ивановски (Астра Плоешти), Агим Ибраими (Марибор).